Index
2.4. Ризико капитал (Venture capital)
Во својот раст и развој најголемиот број на претприајтија ќе се соочат со потребата од дополнително финансирање. Сопствените извори на финансиски сретства се чини никогаш не се доволни и затоа е потребно да се донесе одлука за обезбедување на средства од надворешни извори.
Бидејќи на малите и средни претпријатија, како што беше погоре наведено, во голем број на случаи нема да им бидат достапни кредити или пак поради распределба на ризикот, тие ќе мораат да се одлучт за финансирање по пат на Equity капитал.
Еден од нај значајните и најчесите облици на Equity финансирање во светот е финансирањето преку т.н. ризико капитал (Venture capital).
Суштината на ризико капиталот се состои во тоа што инвеститорот учествува во сопственоста т.е. откупува дел од акциите на фирмата. Инвеститорот своите средства очекува да ги поврати и оплоди преку учество во добивката на фирмата и финалната продажба на своите акции. Бидејќи, како што и самиот термин укажува, се работи за вложување со висок ризик инвеститорите сакаат тој ризик да го компензираат и со високи добивки. Очекуваните стапки на поврат не е невообичаено да достигнат и до 50% или 60% .
Сопственичкиот влог кај ризико капиталот може да се движи од 10% кај етаблирани и профитабилни фирми па се до 80% или 90% кај новите или кај фирми со голем недостиг на средства. Како и да е, повеќето фирми за ризико капитал, барем во почетокот, ќе инвестираат не повеќе од 30 до 40% бидејќи сакаат сопственикот да ја задржи мотивацијата и иницијативноста во водењето на бизнисот. Целта на venture капиталистите не е да го преземат управувањето иако може активно да учествуваат во менаџментот и контролата на фирмите.
Во зависност од тоа во кој стадиум на развој се наоѓа финансираниот проект, ризико капиталот може да се појави во следниве форми: семенски капитал, Start-Up капитал и капитал за експанзија . Семенскиот капитал е наменет за развој на одредена интересна идеја со цел таа да се комерцијализира. Притоа е потребен мал износ на капитал но тој е и со најголем ризик. Start-Up капитал се пласира кога идејата е веќе развиена и е спрамна за комерцијализација. И во овој случај се работи за високо ризичен капитал но тој е до некаде намален. Ризико капиталот за експанзија се вклучува кога производот (идејата) веќе постигнува одредн комерцијален успех, но се потребни дополнтелни средства за експанзија на бизнисот.
Ризико капиталот може да потекнува од различни извори кои покрај тоа што имаат заеднички карактеристики и функционираат според истите принципи, имаат и одредени специфики. Изворите на ризико капитал ги поделивме во три групи: Фирми за ризико капитал, Инвестициони фондови и Бизнис Ангели.